Дискриминацијата и мобингот на работното место, во било која форма, не само што не е здраворазумски и човечки неприфатливо, туку е и дело казниво според законот.
Според едно од истражувањата во САД, дури секое второ од пет ЛГБТИ лица, се изјасниле дека доживеале некакво малтретирање на работното место, врз основа на нивната сексуална ориентација.
Како да препознаете мобинг на работно место?
Мобинг (некаде користен термин и „булинг“, кој пак почесто се користи за опис на меѓуврсничко насилство) е малтретирање на работното место, повторувачко однесување со кое се нарушува физичката или психичката добросостојба на едно или повеќе лица, од страна на едно или повеќе лица. Станува збор за навредливо и понижувачко однесување насочено кон друг/и кое вклучува закани, исмевање, понижување, заплашување, вербално насилство, како и саботажа во работата и напредувањето.
Никој не треба да се чувствува загрозено и постојано нападнато на работното место, без разлика на која основа. Истражувањата веќе одамна се јасни дека мобингот води кон емоционална вознемиреност и нарушувања на расположението и здравјето. Мобингот е поврзан и со состојби на анксиозност, панични напади, недостаток на сон и нарушувања во исхраната. Други истражувања пак покажуваат дека младите кои страдале од булинг, подоцна, во возрасните години, многу почесто пројавуваат проблеми со самодовербата, сликата за себе и менталното здравје. Дури, постои и состојба т.н постбулинг синдром (post-bullying syndrome).
Како да се справите со мобинг на работно место?
- Водете евиденција – водете своја докуметација/белешки, каде ги запишувате негативните интеракции со оние кои врз вас вршат мобинг. Имајте ги во случај да треба да ги приложите на одговорниот/те за човечки ресурси на вашето работно место или на адвокат.
- Не влегувајте и вие во улога на насилник, но спротивставете се кога тоа е потребно – најпрво, потрудете се да ја сведете на минимум интеракцијата со оној/оние кои вршат мобинг (доколку можете) и обидете се да го игнорирате однесувањето. Сепак, ако малтретирањето продолжува и не ве оставаат на мира, ќе мора да повлечете линија. Кажете им како нивното однесување прави да се чувствувате и јасно побарајте да престанат. Понекогаш, луѓето со ниска свесност и емпатија не се свесни за штетата која ја предизвикуваат. Истражувањата покажуваат дека половина од лицата кои се спротивставиле на оние кои ги малтретирале, тие потоа престанале со малтретирањето.
- Консултирајте ги надредените или професионалците за оваа проблематика – најголем дел од вработените кои трпат навреди и малтретирање, не пријавуваат за тоа кај своите надредени, во секторот за човечки ресурси или други институции и професионалци кои нудат заштита на работниците. Тие се одговорни и стручни да ви помогнат доколку се соочувате со ваков проблем.
Малтретирањето од било кој вид не смее да биде застапено никаде, па ни на работното место. Тоа е јасно и не треба да се дискутира. Вработените имаат одговорност да создадат здрава и безбедна средина за сите вработени. Деструктивното однесување може да се намали преку негување на фер и љубезна комуникација, како и преку тренинзи и работилници за здрава работна атмосфера и позитивна комуникација на работното место.
Никому не треба да му биде загрозено работното место ниту пак неоправдано понудено, врз основа на сексуалната ориентација или било која друга основа како националност, раса, вера, брачен статус итн. Оваа информација нема никаква поврзаност со квалитетот на изведбата на работата или пак карактерните особини поврзани со градењето квалитетни односи со колегите и тимската атмосфера. Сето ова треба да се одвива во култура каде е запазена еднаквоста во можностите, слободата на изразување и носењето лични избори со кои не ги повредуваме другите или себеси.