Најчести видови говор на омраза во Република Северна Македонија се говорот на омраза заснован на етничка припадност, со кој тесно се поврзани и основите религија, раса, потекло и јазик, а веднаш по него е хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза.
Со зголемување на видливоста на ЛГБТИ луѓето, особено во месеците мај и јуни, кога се организираат повеќе настани помеѓу кои и Парадата на гордоста, се зголемува и говорот на омраза. Хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза се нужно поврзани со нционаличстички и етно-центристички говор и дискурс. Поединците и групите кои ги мразат ЛГБТИ луѓето се истите оние кои не толерираат и други различности, особено поврзани со раса, етникум и религија.
Говорот на омраза создава непријателска и застрашувачка средина за ЛГБТИ луѓето, која негативно влијае на нивното психо-физичко здравје, наметнувајќи чувства на страв, срам, неприпаѓање и напуштеност од страна на околината, од каде можат да се развијат сериозни психолошки последици. Пораките кои секојдневно ги примаат ЛГБТИ луѓето од социјалните мрежи и кои им кажуваат дека се болни, штетни, отфрлени или уште повеќе заслужуваат насилство, дури и смрт оневозможуваат еднакво уживање на правата, безбедност и развој на ЛГБТИ младите. Говорот на омраза демотивира да се излезе од плакарот, да се побараат и уживаат правата, што ги остава ЛГБТИ луѓето на маргините на општетсвото.
Говорот на омраза е најчесто првиот чекор до акти на насилство од омраза. Преплавеноста од говор на омраза на социјалните мрежи во контекст на Парадата на гордоста, кај остатокот од популацијата создава слика дека ЛГБТИ луѓето се непосакувани, дополнително ја разгорува омразата и поттикнува акти на насилство и дискриминација. Оваа поврзаност јасно беше видлива за време на нападите на ЛГБТИ центарот за поддршка од 2012 до 2014 година, кога говорот на омраза беше застапен на интернет медиумите, социјалните мрежи и на јавниот простор на самиот ЛГБТИ центар. И во 2021 година, по Парадата на гордоста се случи хомофобичен напад на геј маж, ученик во парадата.
Неказнливоста на говорот на омраза, што претставува практика на органите за кривичен прогон, дополнително ги мотивира сторителите. И покрај криминализацијата на говорот на омраза и бројните пријави на здруженијата на граѓани, до сега нити еден случај не завршил со покренување на обвинителен акт нити со санкционирање на сторителот. Оттука, надлежните институции соучествуваат во ширењето на говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето и во поттикнувањето на насилство и дискриминација.
Извештајот во прилог има за цел да го прикаже и анализира хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза за периодот од 15 мај до 15 јули 2021 година. Извештајот дава преглед и на законската рамка, меѓународните стандарди и контекстот во кој се случува говорот на омраза, ги прикажува покренатите постапки од здруженијата на граѓани и резултатите од нив. Извештајот за вршува со препораки до институциите и до останатите засегнати страни со цел унапредување на состојбите и овозможување ефикасна заштита од говор на омраза.