Полугодишен извештај за Скопски квир центар

Во периодот од јануари до јуни 2022, Скопски квир центар постигна уште поголема видливост и препознаеност од страна на ЛГБТИ+ заедницата и тоа го воочивме од континуираниот раст на клиенти и сесии за советување и психотерапија.

Во изминатите 6 месеци преку Скопски квир центар се одржаа 154 сесии советуање/психотерапија со 51 различни клиенти, од кои 26 клиенти се нови – односно се клиенти кои од оваа година ги користат услугите. Дополнително, повеќе од половина од сегашните клиенти се млади луѓе на возраст од 18 до 30 години, односно над 30 клиенти.

Советувањето за претходната година до крај на јуни изнесуваше 97 сесии советување/психотерапија, што значи имаме зголемена бројка на советувања за 58.7% во споредба со таа од 2021 год.

Минатата година, побаравме изјави од дел од нашите клиенти и го добивме следното:

„Јас сум многу задоволен од услугите на СКЦ и дефинитивно би ги препорачал секому кому му се потребни. Мене во најтешкото ме издигнаа и ми помагаат во градењето на квалитетен живот. Тоа што некогаш било огромна препрека невозможна за надминување, сега научив вештини како да ги премостам.“ – транс маж, 31 година.

„Воопшто не е срамота да одиш на психотерапевт, и сметам дека стигмата околу истото треба да се минимизира. Психотерапевтот помага многу да се откриеш себе си, да сфатиш што сакаш, да се прифатиш и на што да целиш… Па така со взаемна сила тргнуваш напред, се отвараш пред светот, пробуваш се додека не успееш. А и да не успееш  воопшто не е срамота. Битно си почнал да чекориш самостојно.“ – геј маж, 40 години.

„Психолошката поддршка која до сега ја имам добиено од Скопски Квир Центар ми е апсолутно најдоброто искуство кое било кога сум го имала со психолог. Фактот што Давид Тасевски и другите психолози се сензибилизирани за потребите на ЛГБТИ луѓето беше клучно за мене како бисексуална жена. Се чувствував безбедно и неосудувано на сите сесии.“ – бисексуална жена, 24 години.

За жал, советувалиштето сѐ уште нема добиено поддршка од страна на државните институции или локалната власт. Субверзивен фронт како организација која работи за унапредување на правата на ЛГБТИ+ луѓето и стратешки определена кон обезбедување услуги за бесплатно и квалитетно ментално здравје за ЛГБТИ+ луѓето во наредниот период ќе продолжи во своите напори да обезбеди подобри услови за постоечките и идните клиенти.

Во меѓувреме, сервисите и услугите на Скопски квир центар може да ги поддржите со донација на нашиот ecrowd.mk профил.