Повеќето партии неми за ЛГБТИ-правата, покажа анализата на „Субверзивен фронт“

15220224_1261996207196794_7265117685841823218_n
ЛГБТИ-правата не се застапени во агендите на политичките партии, покажува анализата на здружението на граѓани „Субверзивен фронт“, изработена во рамки на кампањата „Гласај за еднаквост“.

За потребата на анализата, од „Субверзивен фронт“ испратиле прашалници до 31 политичка партија, но одговор добиле само од пет партии, СДСМ, ЛДП, ЛП, Левица и ДОМ.

Како што соопшти Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, пред почетокот на Првата национална ЛГБТИ конференција во Македонија, од добиените одговори и од анализата на програмите на политичките партии, може да се заклучи дека премала е застапеноста на ЛГБТИ-прашањата и проблемите во политичките програми на партиите.

s-front-1– Овие прашања се најмногу застапени во програмите на партии со мала политичка моќ и влијание, што е резултат на доминантните хетеронормативни и патријархални вредности во општеството кои се рефлектираат во практиките на партиите да избегнуваат засилено јавно изјаснување и давање јасна поддршка кон борбата за човекови права и еднаквост на овие лица. Клучните теми кои политичките партии во Македонија ги адресираат се однесуваат на темелните права и слободи на ЛГБТИ-лицата, и тоа правото на еднаков третман и недискриминација, правото на слобода од насилство, правото на живот, слободата на говор и изразување, и слободата на јавно собирање и здружување – вели Михајлов.

Тој рече дека останатите социјални и економски права, како на пример, правото на склучување истополово партнерство, со исклучок во програмата на Либералната партија, не се застапени.

– Воопшто не се застапени правата на транс-лицата како на пример, правото на приватност, правното признавање на родот, и правото на пристап до соодветни, но не и задолжителни мерки на здравствена заштита кои ќе го регулираат извршувањето на хируршките интервенции и на медицинските процедури за признавање на родот. Интерсексуалните лица – лица кои се родени со хромозомски, хормонски или генитални карактеристики кои не одговараат на зададените бинарни родови стандарди на машки и женски категории, освен во самиот акроним – ЛГБТИ, никаде не фигурираат во политичката агенда – рече Михајлов и додаде дека единствена партија која позитивно одговорила на прашањето дали има ЛГБТИ-кандидати во листата за претстојните избори е Либералната партија.

plompАмбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп рече дека е важно е да се бориме за човековите права за сите, а тоа вклучува и еднакви права за луѓето што припаѓаат на ЛГБТИ-заедницата.

– На 10 декември ќе го прославиме Денот на човековите права, минатата недела го одбележавме Денот за борба против сидата. Мислам дека е важно на вакви денови да видиме што сме постигнале и што уште треба да се постигне. Ова се однесува и на мојата земја, Холандија, и на Македонија. Многу е важно како државните институции и власта се соочуваат со разновидноста. Важно е да застанеме и да се бориме за правата на сите човечки суштества. Мислам дека се направени добри чекори за правата на ЛГБТИ-заедница во Македонија, но како и во секое општество остануваат важни чекори да се прават и понатаму – вели Пломп.