Одржана регионалната конференција „Пристап до правда за ЛГБТ луѓето во Западен Балкан и Турција“

10 декември 2017

Минатиот петок, 8 декември, организацијата Стоунвол од Велика Британија во партнерство со Субверзивен фронт и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ ја организираа регионалната конференција „Пристап до правда за ЛГБТ луѓето во Западен Балкан и Турција“. За време на овој тридневен настан се одржаа две обуки, една за обвинителите/ките и една за полициските службеници/чки во РМ каде што нивните колеги/шки од Велика Британија ги споделија нивните знаења и искуства. На вториот ден се одржа меѓународната конференција каде што учествуваа полициски службеници/чки, обвинители/ки, вработени во министерствата, активисти од ЛГБТИ организациите од земјава и од повеќе држави од регионот. На конференцијата беше и Министерот за внатрешни работи на РМ – Оливер Спасовски, кој потенцираше дека во МВР се спроведуваат континуирани обука на професионалци кои се во контакт со жртвите, а на високо ниво е и соработката со невладините организации.

_MG_7849

Од Субверзивен фронт говорници беа Антонио Михајлов кој ја имаше честа да ја отвори конференцијата и понатаму да биде модератор на една од сесиите и Александра Димовска која говореше за тековното истражување кое го спроведува за политичкото учество на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан.

Третиот ден беше искористен за завршна евалуација на конференцијата од страна на сите партнерски организации заедно со Стоунвол. Беа потенцирани добрите и лошите страни на конференцијата, беа давани идеи за соработки кои би следеле во иднина и начини како регионалната соработка би се продлабочила.

Оваа конференција, финансиски поддржана од британскиот Форин офис, е втора конкретна активност на Стоунвол во соработка со Субверзивен фронт. Првата заеднички оддржана активност беше спортскиот натпревар по повод Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата – 17 Мај, одржан на 23 мај 2017 год. во рамките на кампањата на Стоунвол „Спортот е за сите“.