Чувство на осаменост и изолација

 

Луѓето се социјални битија. Релациите и односите со другите луѓе, од кога знаеме за човековата историја, имаат функција од – преживување, заштита и одржување на видот, социјална размена, до длабока поврзаност и размена на најинтимните чувства и лични содржини. Релевантни истражувања, одамна покажуваат дека постои значајна поврзаност меѓу задоволството од животот и квалитетот на односите кои ги имаме.

Чувството на осаменост и социјалната изолација се две различни, сепак неретко поврзани појави. Чувството на осаменост е чувство да се биде сам и да се биде лишен од значајна конекција. Социјалната изолација пак, е недостаток на социјални контакти. Социјалната изолација може да води кон чувство на осаменост кај некои луѓе, додека други може да се чувствуваат осамено и тогаш кога не се социјално изолирани.

Многу проблеми со здравјето, вклучувајќи го и менталното здравје, се поврзани со осаменоста. Такви се состојбите на: депресија, анксиозност, кардиоваскуларни болести, гојазност, когнитивни нарушувања и други. Спротивно на ова, за луѓето кои се задоволни од квалитетот на односите во својот живот, истражувањата покажуваат нивна поврзаност со повисоко ниво на: чувство на смисла, одржување на позитивни расположенија, долговечност, подобри когнитивни функции и др.

Психолозите и истражувачите, сметаат дека е потребно да ги идентификуваме луѓето кои се склони кон изолација и осаменост, за да се даде можност да се пружи поддршка. ЛГБТИ+ луѓето не се исклучени од оваа категорија. Токму затоа, поддршката од околината, како и пристапот до разни центри за советување, може значајно да придонесат за справување со проблемот на чувството на осаменост и на изолација. Поврзувањето со луѓе со кои делите слични теми, доверувањето за лични и значајни теми на блиски лица или пак професионалци за ментално здравје, може да ви помогне во подобрување на квалитетот на живеењето, менталното здравје, расположението и да ви даде чувство на исполнетост.

Покрај контактот со други луѓе и размена со нив, ангажирањето и проширувањето на активностите кои нè енергизираат и даваат смисла, исто така, значајно придонесуваат да се намали овој јаз на лишеност од значајна конекција и доживувањето да се биде сам.

Доколку се чувствувате осамени или сметате дека ви е потребен некој за разговор, контактирајте ја Линијата за советување на ЛГБТИ+ лица на 075 24 11 24. За повеќе информации околу работното време може да ја проверите Фејсбук страницата на Линијата тука.