ЛДП - Либерално демократска партија


Либерално демократска партија на Македонија, е партија со либерална ориентација и претставува правен наследник на два претходно постоечки политички субјекти – Демократската и Либералната партија до чие обединување е дојдено на 19 април 1997 г. во Скопје.

Предмет на анализа од оваа политичка партија беше Изборната платформа „ИМА ИЗЛЕЗ“ во која човековите права и слободи се опфатени во поглавјето за владеење на право и човекови права, но и во поглавјето за слобода и автономија на личноста. Промоцијата на еднаквоста и заштитата од дискриминација ја гледаат во правец на доследно транспонирање на ЕУ директивите за недискриминација, надополнување и развој на Законот за превенција и заштита од дискриминација со цел опфат на сите стандарди на ЕУ правото (посебно дефинирани во недискриминаторските директиви и во Лисабонскиот договор). Од ЛДП наведуваат дека посебно ќе се инсистира на внесување на сексуалната ориентација како основа за дискриминација во постоечкиот закон.

За потребите на оваа анализа, официјална претставничка на ЛДП, г-а Никица Корубин, членка на Извршниот и Централниот одбор на ЛДП, го пополни прашалникот кој беше доставен од страна на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста Субверзивен Фронт од Скопје и притоа беа изложени следните ставови:

  • Заложбите на ЛДП за еднакви права на ЛГБТИ-лицата во Македонија се неспорни, притоа истакнувајќи јасна поддршка на законски иницијативи за измени на Законот за заштита од дискриминација, како и Кривичниот законик на РМ со воведување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и сторување на кривични дела од омраза по истиот основ, но и јавна осуда за евентуален говор на омраза на организирани ЛГБТИ-настани. Оваа политичка партија би поддржала воведување на наставни содржини поврзани со ЛГБТИ-лицата во рамките на наставните програми во училиштата, како и заложби, согласно нивната постоечка програма, за поимот „Партнерска заедница“ како можно решение по однос на сугестија за измени во законот за семејство со цел законско препознавање на истополови двојки.
  • По однос на прашањата за поддршка на евентуални иницијативи за промена на законодавството во поглед на трансродовите лица, со цел промена во нивната лична документација, како и за медицински трошоци поврзани со промена на полот на трансродовите лица, но и измени во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, во ЛДП немаат јасен став односно дискусија како би заземале единствен став по наведените прашања.
  • Идните заложби на ЛДП во поглед на ЛГБТИ-заедницата се: „Политичката партија како еден од чинителите кои ќе имаат реално влијание во општеството. Во таа насока сите иницијативи треба да произлезат од самата ЛГБТ-заедница, а ЛДП во случајов, со довербата, отвореноста кон сите и вистинската намера да промени нешто во однос на ЛГБТ-заедницата да биде медиумот кој сето тоа би го проследил до евентуалната извршна или законодавна власт, или со позицијата која ја има како вонпарламентарна партија.“

Дали сметате на гласовите на ЛГБТИ-луѓето и зошто мислите дека тие треба да ја поддржат Вашата политичка партија и да гласаат за Вас?

Одговор: Концептот на политичка партија која функционира како чинител во општеството, треба драстично да се промени во Македонија. Политичката партија е формата преку која може да се практикува демократијата во едно општество. Но, главни столбови се независните институции каде граѓаните ги остваруваат своите законски права и обврски. Оттаму, клучна е промената на перцепцијата на граѓаните за моќта на политичката партија, а на самата политичка партија суштината на постоењето и делувањето. Таа постои за остварување на правата на граѓаните, таа постои како трансфер и медиум на нечии залагања и идеи, но таа не постои за власт и владеење, постои за професионално и стручно управување со државата. ЛДП е составена од различни индивидуалци и различни концепти, конзервативno и прогресивно разбирање на политиката. Ние членовите треба да ги разбереме промените во општеството, новата држава која ја градиме и значењето на примена на принципи, стандарди и систем на вредности. Само на тој начин и граѓаните од ЛГБТ-заедницата ќе може да имаат доверба во вистинитоста на заложбите на ЛДП, и во суштинската остварливост на нивните потреби и права, а не декларативното залагање. Разбирањето на времето, општеството и солидарноста, квалитетот и индивидуалноста, борбата за правда и вистински вредности е она за кое вреди да се избориме внатре во ЛДП, а потоа и за луѓето од ЛГБТ-заедницата. Од нас зависи исходот, колку сме го разбрале времето во кое живееме.

Прашалникот може да го преземете овде.

<

Учествувај во кампањата


Спроведено од:

Поддржано од:

и

+389 2 6139874