Зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? – 2

Намерувајќи да ја одржи во живот општествената расправа за прашањата од областа на родовите студии — сред временото згаснување на програмата за родови студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ — студентската организација „Излез“ им се обраќа на повеќе имиња од домашната јавна сцена со едно единствено прашање: зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? Одговорите ги поврзуваме од ден на ден!

„Се „менува“ историјата, се менува образованието, но за жал исчезнува системот на вредности што би можел да нè доближи до светот. Промените се добри, но само кога се оди напред. Нашиот денешен просек во минатото беше потпросечен, кога станува збор за образованието. Додека светот оди напред, особено во самосознавање и во признавање на личните слободи на секој поединец — ние го враќаме времето назад. Замената на родовите студии со семејни е само мал дел од тој времеплов. Гледаме што се случува во земјите кога еманципацијата станува трн во окото на властите. Кај нас сè уште има недоволно информирани луѓе лесни за манипулација, а другите се или веќе заминати или на заминување. Што и кого ќе учат „новите“ книги, кога и онака сите заминати одново студираат, а тие без училиште неверојатно бргу се еманципираат? Понекогаш имам чувство дека сме нација во догорување, а дека власта со своите апсурдни измислици само ни долева бензин.“

Синоличка Трпкова
актерка и професорка на ФДУ

Извор: Излез