Германија издвојува 33 милиони евра за обесштетување на геј лицата жртви на нацизмот

Германската влада неодамна соопшти дека изготвува план со кој ќе понуди финансиска компензација на илјадниците Германци осудени за хомосексуалност за и по ерата на нацизмот, јавува „Дојче веле“.

Повеќе од 30 милиони евра ќе бидат издвоени за геј и бисексуалните жртви на анти-геј законот според кој овие лица за време на Втората светска војна завршуваа во концентрациони логори и во затвори во поствоениот период.

gay-ww2

Параграфот 175 стриктно го забранува сексот меѓу мажи, а според некои непотврдени информации, истиот закон и казна се применети и кај неколку жени. Криминализацијата на хомосексуалноста била дел од германскиот Кривичен закон, кој важел од 1871 до 1994 година, но ригорозно бил спроведуван во периодот на нацизмот. Повеќе од 140.000 мажи биле осудени за време на Втората светска војна, а во поствоениот период, односно до доцните 60 години на минатиот век, биле осудени уште 50.000 мажи. Затворениците за кои се верувало дека се геј или бисексуални биле обележувани со превртен розов триаголник.

Германскиот министер за правда Хајко Мас соопшти дека околу 5.000 лица ќе бидат обесштетени, а висината на компензацијата ќе зависи од случај до случај.

Законот престанал да се спроведува во 1968 година, но не бил отстранет од законикот се до 1994 година. Обвинувањата на геј и бисексуалните мажи од периодот на нацизмот беа поништени во 2002 година, но лицата кои беа осудени во поствоениот период се уште чекаат да бидат помилувани.

Портпаролката на германската Партија на зелените, Катја Кеул вели дека одложувањето на носењето на овие законски измени претставува „монструозен срам“.