Одржана трибина за поддршка на младите ЛГБТ лица во Србија

Завршна трибина на кампањата „Ќе биде подобро“ викендов е одржана во белградскиот Дом на младината, а од собирот на младите ЛГБТ лица им е порачано дека нè се сами и дека ја имаат поддршката на својата заедница.

На трибината некои од активистите открија дека нивната сексуална ориентација е поинаква од онаа на мнозинството, со што сакаа да ги охрабрат младите ЛГБТ лица, на својата околина и на себе си да откријат кои се, бидејќи тука нема „ништо страшно во тоа“.

Активистката Хелена Вуковиќ рече дека тоа не било лесно, но сепак порача дека „треба да се земе својот живот во свои раце“.

– Треба да се охрабрат младите – рече Вуковиќ, додавајќи дека тие денеска се многу похрабри од било кога.

Основачот на „Ас центар“, Ѓурица Станков повика на солидарност на ЛГБТ популацијата, затоа што општата популација така подобро и полесно ќе ги прифати.

– Не сакав да останам и да живеам во своите четири ѕида – рече активистката Ангела Чех и истакна дека животот и е полесен откако на себе си и на другите им признала дека е лезбијка.

На трибината беа прикажани промотивни видео-материјали од кампањата „Ќе биде подобро“, во која, покрај ЛГБТ активисти, учествувале и поддршка давале многу личности, како што се пејачките Јелена Карлеуша и Ана Бекута.

Сите кои сакаат, без разлика на која популација припаѓаат, и понатаму можат да објавуваат крaтки снимки и пораки на каналот на „Јутуб“ од кампањата „Ќе биде подобро“.

Кампањата „Ќе биде подобро“ ја покренаа организациите „Лауд анд Квир“, Иницијатива за демократска транзиција, Канцеларијата на Владата на Србија за човекови и малцински права.